По двегодишна опсежна предистражна постапка на Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес беше спроведена голема акција со претреси на повеќе локации во Липково, Куманово и Тетовско Желино.
Акцијата опфати повеќе правни и физички лица поврзани со организирана криминална група, која подолг период извршувала тешки финансиски кривични дела: „Злосторничко здружување“, „Даночно затајување“, „Даночна измама“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Според истрагата, групата се стекнала со противправна корист од над 430 милиони денари, нанесувајќи огромна штета врз буџетот на Република Македонија.
По налог на јавниот обвинител и со асистенција на специјалните единици САЕ „Тигар“, од слобода се лишени седум лица, кои се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд. Едно лице засега останува недостапно за органите на прогонот.
Управата за финансиска полиција нагласи дека останува целосно посветена на откривање и гонење на финансискиот криминал и на заштитата на државниот буџет.