
Три лица се приведени во врска со двата смртни случаи со траги на насилство во скопската општина Ѓорче Петров, објавија повеќе медиуми. Засега нема официјални информации од МВР за нивниот идентитет, улогата во случаите и доказите врз кои се темелат сомневањата.
Според неофицијалните медиумски сознанија, се проверува можноста мотивот да бил користољубие. Наводите дека жртвите биле убиени и ограбени во своите домови сè уште не се официјално потврдени.
Последниот случај беше откриен на 27 октомври, кога 76-годишна жена беше пронајдена мртва во својот дом на улицата „Ѓурчин Кокале“. Ја пронашла нејзината ќерка, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт со видливи траги на насилство.
Претходно, на 22 октомври, во својот дом во Ѓорче Петров бил пронајден мртов и 62-годишен маж. И кај него биле констатирани траги на насилство.
За двете тела се наредени обдукции, кои треба да помогнат во утврдувањето на причините и начинот на настапување на смртта.
Полицијата ја проверува можната поврзаност меѓу случаите. Официјални детали за приведувањата, можниот мотив и евентуалната поврзаност се очекуваат од надлежните институции.























