Земјоделците од северниот дел на Грција, од регионот на Пеонија, денеска повторно го затворија граничниот премин Евзони (Богородица) за сообраќај од и кон Македонија. Блокадата започна околу 13 часот по локално време, кога на преминот пристигнаа дополнителни 100 трактори од Јаница за зајакнување на протестот.
Според дописничката на МИА од Атина, траењето на блокадата не е познато, бидејќи, како и претходните денови, таа беше ненајавена. Вчера преминот Евзони беше затворен околу два часа, од 12 до 14 часот по локално време, со дополнителни кратки блокади во попладневните часови.
Практиката на земјоделците е да не ги најавуваат блокадите, а на дневни состаноци се одлучува кога и колку долго ќе траат. Според информациите, сличен режим веројатно ќе се следи и во наредните денови.
Земјоделците од северозападна Грција, во близина на Лерин, пристигнаа и до граничниот премин Ники (Меџитлија) кон Македонија и кусо го блокираа сообраќајот. Блокади се регистрирани и на други премини, како Промахонас кон Бугарија и Кипи кон Турција, каде што не се пропуштаат камиони.
Во внатрешноста на Грција, блокадите се проширени: кај Никеа во близина на Лариса има околу 1.800 трактори на автопатот Солун-Атина, над 2.000 трактори блокираат патот кај Кардица, а блокади има и на излезот од Солун кон Атина. На некои локации земјоделците поставија новогодишни елки како порака дека нема да се повлечат и дека се подготвени да го минат празничниот период на улица.
Протестите започнаа во неделата и најавуваат постепено интензивирање до 5 декември, но засега нема информации кога ќе завршат.



























