Полицаец е тешко повреден синоќа во Сплит во период кога не бил на должност. Според информациите од хрватската полиција, нападот се случил околу 22:45 часот, кога службеникот, облечен во цивилна облека, бил нападнат со остар предмет. Околу 23:15 часот бил пренесен во КБЦ Сплит, каде што веднаш му била дадена лекарска помош, јавува „Индекс“.
Полицаецот добил повеќекратни убодни рани и сериозни повреди на неколку органски системи, а лекарите извршиле обемна медицинска интервенција. Состојбата му е критична и неговиот живот е во опасност.
Неофицијалните информации на „Индекс“ упатуваат дека под полициски надзор се наоѓа 18-годишно момче со сериозни психички проблеми. Истражителите работат на повеќе можни мотиви, меѓу кои и теоријата дека полицаецот бил избран сосема случајно.
Од полицијата испратија порака со поддршка до повредениот колега и неговото семејство:
„Се надеваме дека нашиот колега, со помош на докторите, ќе се опорави. Мислиме на него и стоиме покрај неговото семејство во овие тешки моменти.“
На местото на нападот е извршен увид и истрагата продолжува.



























