Поранешниот грчки премиер и до неодамна лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, порача дека Грција мора да „ја врати рамнотежата во политичкиот систем“ преку создавање на „широк, разновиден и динамичен, но програмски конзистентен прогресивен блок“. Според него, новата формација би можела да ги обедини сите левичарски, демократски и социјално ангажирани граѓани, што многумина го сфатија како јасен сигнал за формирање на нова политичка партија.
За време на презентацијата на неговата автобиографија „Итаки“ во Театарот Палас во Атина, Ципрас изјави дека таквата формација би можела „да го преземе прогресивното управување со земјата на следните избори“, сугерирајќи дека нејзиното создавање е неизбежно. Голем дел од неговиот говор, опишан како „декларација за учество во новото патување“, беше пречекан со продолжен аплауз во преполната сала, објави „Катимерини“.
Ципрас истакна дека недостатокот на силна опозиција ѝ овозможил на сегашната влада на Киријакос Мицотакис да ја задржи доминацијата, иако, според него, „владее со неефикасност, корупција и неправди“. Тој посочи дека нема политичка сила која може да понуди конкретна перспектива за промена, што според него создава потреба за „голема политичка експлозија“ што ќе го промени сегашниот баланс на моќ и ќе отвори пат за нови политички формации.
Поранешниот премиер нагласи дека „новиот здив на промени“ мора да започне од иницијативата на самите граѓани и дека Грција има потреба од „нова етика на управување“ заснована на Национален план за закрепнување со четири клучни столба: развој, прераспределба, безбедност и одржливост.
На настанот присуствуваа водечки фигури од СИРИЗА и Новата левица, кои го слушнаа предупредувањето на Ципрас дека во новиот политички проект ќе има „покани за сите“, но „резервирани места од прва класа за никого“.



























