Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Струмица, Костадин Костадинов, и уште пет лица за злоупотреба на постапката за јавна набавка при набавката на 10 електрични автобуси за ЈСП „Струмица-Транспорт“.
Според МВР, пријавата е поднесена против К.К. (35) од Струмица за сомнеж за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“. Против Д.П.С. (61), К.Б. (37), Л.Ј. (63), Л.Ѓ. (62) и Г.П. (58) се поднесени кривични пријави за „несовесно работење во службата“ и помагање во извршувањето на истите кривични дела.
Со овие дејствија, набавен е 10 електрични автобуси за износ од 429.933.595 денари, со што е причинета материјална штета од поголеми размери. Според истрагата, отсуството на лице со потребни стручни квалификации и лиценца за надзор од областа на електротехниката довело во прашање реалната вредност, квалитетот и безбедноста на автобусите.
Костадинов, како поранешен градоначалник, го ангажирал Г.П. за технички надзор и евалуација на понудите, иако тој немал соодветни квалификации и лиценца А. Тендерската документација била подготвена така што спецификациите речиси идентично одговарале на набавените автобуси.
Д.П.С., како директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“, го потпишал договорот за набавката преку финансиски лизинг, иако контролата на постапката и имплементацијата била несоодветна. К.Б., Л.Ј. и Л.Ѓ., како членови на комисијата за јавни набавки, го определиле Г.П. за надзор, иако тој поседувал само лиценца Б и немал право да одговара на технички прашања или да учествува во евалуацијата и реализацијата на договорот.
МВР потенцира дека со овие дејствија се доведени во прашање квалитетот и безбедноста на набавените електрични автобуси.



























