УТРО.мк

ВИДЕО: „Хаос на албанското крајбрежје во Валона: Летаа камења, тепачки и судири поради проектот поврзан со зетот на Трамп“

ВИДЕО: „Хаос на албанското крајбрежје во Валона: Летаа камења, тепачки и судири поради проектот поврзан со зетот на Трамп“
Vero

Стотици еколошки активисти и жители на јужна Албанија излегоа на протести против контроверзните планови за изградба на луксузни туристички комплекси во заштитени природни подрачја, зад кои стои компанијата „Атлантик Инкубејшн Партнерс“, поврзана со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.


Протестите се одржуваат во околината на Валона и областа Звернец, која се наоѓа во еколошки чувствителната зона на Националниот парк „Вјоса-Нарта“. Демонстрантите тврдат дека со проектите се загрозуваат природните богатства на регионот и предупредуваат на можни трајни последици врз животната средина.


Според еколошките организации, планираните луксузни одморалишта, марини и придружни туристички содржини би можеле да ги уништат живеалиштата на бројни загрозени животински видови и да ги нарушат важните миграциски коридори на птиците преселници.
Незадоволството дополнително се зголемило откако албанската Влада предводена од премиерот Еди Рама направила измени во законите за заштитени подрачја, со што биле отстранети дел од правните пречки за реализација на ваквите инвестиции.


Активистите обвинуваат дека локалните заедници се исклучени од процесот на одлучување и дека природните ресурси се отстапуваат на странски инвеститори без доволна јавна расправа. Тие бараат стопирање на проектите и целосна ревизија на донесените одлуки.


На страната на демонстрантите застанаа и повеќе од 40 меѓународни еколошки организации, кои побараа запирање на градежните активности и дополнителни анализи за влијанието врз животната средина.


Снимките од протестите, кои се шират на социјалните мрежи, покажуваат тензични сцени покрај крајбрежјето, каде демонстрантите се обидуваат да го изразат своето незадоволство од, како што велат, „приватизирањето на албанскиот брег“.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран