Хрватска губи туристи поради високите цени: „Не знам дали ќе се вратиме“
Хрватска, некогашна ѕвезда меѓу поволните летни дестинации во Европа, се соочува со сериозна туристичка криза. Британскиот весник Express пишува дека растечките цени одвраќаат сè поголем број посетители, што претставува сериозен удар за тамошниот туристички сектор.
Во последните три години, цените во туристичката индустрија пораснале за дури 50 отсто, што ја прави Хрватска поскапа од нејзините конкуренти – Шпанија и Грција, каде цените во истиот период се зголемиле за 15 до 20 проценти. Овој драстичен пораст ѝ ја загрозува репутацијата како достапна дестинација, особено за туристи од Германија, Австрија, Чешка и Италија.
Иако земјата има некои од најниските цени на енергија во Европската Унија, како и повластена стапка на ДДВ од 13% за туризмот, главната причина за ценовниот скок се зголемените оперативни трошоци во угостителството.
Последиците веќе се видливи – бројот на ноќевања стагнира, а потрошувачката на туристите опаѓа. Минатата година, во екот на летната сезона, приходите од странски туристи опаднале за 0,7% во споредба со претходната година.
Незадоволството кај посетителите расте, особено на платформите за патнички рецензии како Tripadvisor. Еден турист од Норвешка напиша:
„Сè е многу поскапо од порано. Цените се нереално високи – легло на плажа чини 25 до 30 евра. Хрватска беше наш прв избор за летување, но сега сè стана прескапо. Не знам дали повторно ќе дојдеме. Жал ми е што земјата оди во овој правец.“
Од друга страна, има и поумерени реакции. Турист од Обединетото Кралство коментирал:
„Ги споредивме трошоците во Ровињ минатата година со оние на Хвар ова лето – немаше голема разлика во цените. Единствена разлика беше што Ровињ нудеше подобар избор на вино во кани.“
Се чини дека сликата е поделена, но растечките цени стануваат сè посериозен предизвик за Хрватска и нејзината туристичка иднина.