Во рок од помалку од 24 часа, грчката крајбрежна служба спаси 165 мигранти во три одвоени акции. Две од спасувањата се случија рано утрово во близина на островот Гавдос во јужна Грција, а едно вчера попладне во морето близу градот Каламата на Пелопонез, јави дописничката на МИА од Атина.
Рано утрово биле откриени два чамци со 68 и 58 мигранти јужно од малиот остров Гавдос. Првиот чамец бил забележан од патролен брод на крајбрежната служба и брод на Фронтекс, додека мигрантите од вториот биле преземени од танкер што пловел во непосредна близина. Сите спасени биле безбедно пренесени на копно.
Вчера попладне, во морето на 58 наутички милји јужно од Каламата, биле спасени 39 мигранти со помош на патролен брод на крајбрежната служба и пренесени на пристаништето во градот.