
Двајца пожарникари го загубија животот во големиот шумски пожар што избувна во јужниот дел на грчкиот остров Крит, во близина на областа Ретимно.
Според првичните информации, пожарникарите биле заробени во службено возило додека интервенирале во близина на населбата Сахтурија. Нивните тела подоцна биле пронајдени во возилото.
Едниот од загинатите бил професионален пожарникар со петгодишно искуство, додека другиот бил сезонски ангажиран пожарникар. Двајцата биле дел од екипа која се борела со огнената стихија на терен.
Пожарот започнал во областа Крија Вриси, во општината Агиос Василиос, а според надлежните се шири на повеќе фронтови. Поради опасноста за населението, грчките власти активираа систем за итно предупредување 112 и упатија повици за евакуација на жителите и туристите од загрозените подрачја.
Жителите на Сахтурија и Меламбес беа повикани да се упатат кон Агиос Галина, а дополнителни предупредувања беа издадени и за други околни населени места.
Причините и точните околности за смртта на пожарникарите сè уште се истражуваат. Во гаснењето на пожарот учествуваат бројни копнени екипи, поддржани од воздушни сили кои се обидуваат да го стават огнот под контрола.

















