Српска листа се враќа на власт во косовските општини со мнозинско српско население, две години по бојкотот на вонредните локални избори на северот.
По вчерашните редовни локални избори, претседателот на Српска листа, Златан Елек, изјави дека убедливо победиле во девет од десетте општини со мнозинско српско население. „Ќе имаме двотретинско мнозинство во сите десет општини, а најважно е што четирите општини северно од Ибар се вратени во српски раце“, кажа Елек.
Тензиите на северот на Косово се зголемија откако Србите ги напуштија косовските институции во 2022 година поради незадоволство од исполнувањето на барањата за поголема автономија, а во следната година ги бојкотираа изборите. Поради тоа, кандидатите на партиите на косовските Албанци победија во Косовска Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, што доведе до судири и интервенција на КФОР.