Од денес, 13 октомври, во цела Албанија е воведена привремена забрана за користење електрични тротинети. Одлуката ја донесе Министерството за внатрешни работи по препорака на државната полиција, поради зголемен број сообраќајни инциденти со овие возила.
Министерката за внатрешни работи Албана Кочиу изјави дека забраната ќе трае додека не се подготви целосна регулатива која ќе ги утврди правилата за движење, возраста, брзината и безбедносните мерки. „Ќе изготвиме јасни правила за користење, ќе се утврди каде смеат да се движат тротинетите, со задолжителни кациги, осветлување и ограничена брзина. До тогаш, јавниот интерес бара итна интервенција“, истакна таа.
Кочиу нагласи дека и други земји како Франција, Италија и Северна Македонија веќе презеле слични мерки.
Генералниот директор на полицијата, Илир Прода, соопшти дека во 2024 година биле регистрирани 991 сообраќајни несреќи со електрични тротинети, од кои неколку со смртен исход. Полицијата од денес започнува акција за запирање и блокирање на нивното движење, додека не стапи во сила новиот безбедносен режим.