
Северозападна Србија ноќеска беше погодена од земјотрес со магнитуда од 4,1 степен според Рихтеровата скала, соопштија од Републичкиот сеизмолошки институт на Србија (РСЗС). Потресот се случил во 2:35 часот по полноќ, а епицентарот бил регистриран во пошироката област на Бездан, во близина на границата со Хрватска и Унгарија.
Според првичните процени, интензитетот на земјотресот во епицентралното подрачје достигнал околу шест степени според Меркалиевата скала. Тоа значи дека, иако не се очекуваат поголеми разурнувања, потресот може да предизвика лесни оштетувања на послабо изградените објекти во најблиската околина. Информацијата ја пренесоа и српските медиуми, повикувајќи се на РСЗС, а ја објави и Радио-телевизија Србија (РТС).
Епицентарот се наоѓал во појасот меѓу Бездан и Бачки Моноштор, на самата периферија на Специјалниот резерват „Горње Подунавље“. Потресот бил почувствуван на поширока територија на северозападна Србија, вклучувајќи ги Апатин и Сомбор, но и во делови од соседните Хрватска и Унгарија.
Граѓаните кои го пријавиле земјотресот го опишале како краток, но остар потрес, проследен со силно тресење на објектите. Дел од нив навеле и чувство на нагло, тапо „удирање“ во моментот на потресот.
Околу десет минути по главниот земјотрес, сеизмолозите регистрирале и послаб афтершок со магнитуда од 2,5 степени, кој дополнително го потврдил сеизмичкото активирање на подрачјето.























