
Здравствениот дом во Гостивар доби значително кадровско засилување со ангажирање на 18 нови вработени, што се оценува како важен потег за унапредување на здравствените услуги во регионот.
Свеченото врачување на решенијата се одржа вчера во просториите на установата, при што работен однос започнаа 14 лица од медицинската струка. Меѓу нив се шест лекари и осум медицински сестри, кои ќе бидат директно вклучени во обезбедувањето здравствена грижа за пациентите. Тимот е дополнително проширен и со кадар во логистичко-административниот дел: еден возач, еден администратор, еден хигиеничар и еден општ работник.
Директорот на установата, Вулнет Оломани, нагласи дека оваа кадровска обнова претставува суштински чекор кон поефикасно функционирање на институцијата, особено во услови на зголемени потреби од здравствени услуги.
Според него, пополнувањето на долгогодишните празни работни позиции ќе придонесе за поквалитетна и побрза услуга за граѓаните.
„Со ова значително се подобрува организацијата на работата и се зајакнува капацитетот на домот да одговори на секојдневните предизвици“, истакна Оломани.
Тој најави дека процесот на кадровско јакнење нема да застане тука, туку дека во текот на годината ќе бидат доставени нови барања до Министерството за здравство за дополнителни вработувања. Причината за тоа, како што посочи, е фактот дека установата покрива широка област со повеќе од 100.000 жители.
Паралелно со кадровските промени, се планираат и значајни инфраструктурни интервенции. Според најавите, летниот период треба да го означи почетокот на реконструкцијата на постојниот објект, како и негово проширување преку надградба.
Во моментов, Здравствениот дом во Гостивар брои околу 200 вработени, кои се ангажирани во повеќе служби, меѓу кои Брза помош, патронажна служба, вакцинација, детска стоматологија и лабораториски услуги. Установата ги опслужува граѓаните од општините Гостивар и Врапчиште.























