
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, порача дека државата гради модерен енергетски систем базиран на стабилност, доверба и одржливост.
На состанокот на Секторската работна група за енергетика, одржан во Владата, била потврдена силната институционална координација, како и јасно дефинираните приоритети за наредниот период во партнерство со меѓународната заедница.
„Фокусот е ставен на имплементација, резултати и мерлив напредок“, истакна Божиновска.
Како што посочи, веќе се реализирани значајни чекори, меѓу кои усвојување на Интегрираниот национален план за енергија и клима за периодот 2025–2030, воспоставување нова законска рамка усогласена со европското законодавство, како и интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија.
Дополнително, нагласи дека има напредок во интерконекциите и зајакнувањето на енергетската безбедност, како и конкретни активности во делот на праведната транзиција и енергетската ефикасност.
Министерката потенцира дека останува приоритет забрзувањето на реформите, зголемувањето на инвестициите и целосната интеграција на земјата во европскиот енергетски пазар.























