
Премиерот Христијан Мицкоски очекува инфлаторните движења во земјава да се задржат во рамки слични на оние во европските економии, но нагласува дека клучниот фокус треба да биде на краткорочните промени кај цените на основните прехранбени производи.
Како што истакна денеска, врз основа на тековните анализи и мерките што се спроведуваат преку Државниот пазарен инспекторат, се очекува месечниот раст на цените на храната во април да остане ограничен и да не надмине еден процент во однос на март.
Мицкоски посочи дека трендовите во поширокиот европски регион укажуваат на нов бран на инфлаторни притисоци во април, што делумно се поврзува и со ефектот од минатогодишните споредбени бази, како велигденската кошничка. Во тој контекст, тој направи споредба со неколку земји од регионот, каде што инфлацијата веќе се движи од околу 4,5 до над 6 проценти.
Според него, ваквите движења не се неочекувани и се одраз на пошироките регионални и глобални економски фактори, вклучително и геополитичките тензии, за кои посочи дека би било значајно да се намалат со цел поголема стабилност на пазарите.
Од друга страна, најновите европски економски проекции покажуваат дека инфлацијата во еврозоната годинава би можела да достигне просечно околу 2,7 проценти, со очекување да се приближи до целното ниво од 2 проценти веќе во текот на следната година, според анализите на Европската централна банка.
Домашните статистички податоци за март годинава покажуваат умерено месечно зголемување на трошоците за живот од 0,7 проценти во однос на февруари, што укажува на релативно стабилни, но сè уште присутни ценовни притисоци.
Во меѓувреме, анкетите на Народната банка меѓу економските аналитичари проектираат дека инфлацијата во земјава во 2026 година во просек би се движела околу 3,6 проценти, со очекување за постепено забавување на околу 3 проценти во 2027 година.























