
Грчките власти повторно ја отвораат дебатата за употребата на електричните тротинети, особено меѓу малолетниците, по серијата сообраќајни несреќи во кои дел од нив завршија со фатални последици.
Во интервју за телевизијата „Мега“, министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Хрисохоидис, изјави дека лично смета оти овие превозни средства треба целосно да се забранат, нагласувајќи дека нивната употреба е ризична и недоволно регулирана во реални услови на терен.
Повод за засилените реакции е и неодамнешната трагедија во еден град на Пелопонез, каде животот го загуби 13-годишно момче, како и повеќе регистрирани инциденти низ земјата, во кои тротинетите учествувале во сообраќај со автомобили, често и на булевари без соодветна заштитна инфраструктура.
Хрисохоидис посочи дека постојните правила веќе забрануваат малолетници да управуваат со електрични тротинети на јавни сообраќајници, но најави дека регулативата ќе се доуреди. Според него, дозволена употреба би останала само на простори што не се дел од класичниот уличен сообраќај, како тротоари и плоштади.
Сепак, министерот отиде чекор подалеку во својата оценка, наведувајќи дека проблемот не се однесува само на младите. Тој укажа и на честата појава на возење со високи брзини, недоследно носење кациги и користење на тротинети на големи сообраќајници, што, како што рече, дополнително ја зголемува опасноста.
„Моето лично мислење е дека тие не треба да постојат, бидејќи се премногу опасни“, истакна тој.
Според сегашната законска рамка во Грција, електричните тротинети се класифицирани како „лесни лични електрични возила“ и се поделени во две категории. Првата ги опфаќа уредите со брзина до 6 km/h и тие се третираат како пешаци, додека втората се однесува на тротинети до 25 km/h, кои се изедначуваат со велосипеди.
За побрзата категорија важат и појасни обврски: движење по велосипедски патеки или крајниот десен дел од коловозот, задолжително носење кацига и светлосна сигнализација, како и забрана за превоз на второ лице.
Но, во пракса, проблемот е што голем дел од грчките градови, меѓу кои и Атина, сè уште немаат развиена мрежа на велосипедски патеки. Токму тоа, како што признаваат и надлежните, ги принудува корисниците да се движат по улици и булевари, во заеднички простор со автомобили и јавен превоз.
Во меѓувреме, полицијата во Атина спроведе засилени контроли. Само во период од четири дена биле извршени 397 проверки на електрични тротинети, при што се регистрирани 135 прекршоци – најчесто поради неносење заштитна кацига.
Електричните тротинети во последните години станаа дел и од урбаниот туризам, особено преку услуги за изнајмување во Атина, што дополнително ја зголемува нивната присутност на улиците и ја интензивира јавната и политичката дебата за нивната безбедност и иднина.























