УТРО.мк

НБРМ: Каматната стапка од 4% останува непроменета, внимателен пристап во услови на ризици

НБРМ: Каматната стапка од 4% останува непроменета, внимателен пристап во услови на ризици
Vero

Народната банка одлучи да ја задржи основната каматна стапка на 4%, оценувајќи дека во моментот не постојат доволно стабилни услови за промена на монетарниот курс, особено во услови на засилена глобална неизвесност и зголемени ризици од надворешното окружување.

Од институцијата појаснуваат дека ваквата одлука е донесена по внимателна анализа на тековните економски движења, како и на можните ефекти од меѓународните случувања врз домашната економија. Посебен фокус е ставен на состојбите на девизниот пазар, инфлациските движења и ценовните притисоци.

Дополнителен фактор кој ја обликува актуелната економска слика е продолжената нестабилност на Блискиот Исток, што придонесува за нарушувања во глобалните синџири на снабдување со нафта и одржување на високите цени на енергенсите. Ова, според оценките, создава дополнителен притисок врз светските и домашните ценовни движења.

Инфлацијата во првиот квартал од 2026 година бележи забавување и се спушти на просечно 3,7%, наспроти 4,2% во претходниот квартал. Намалувањето главно произлегува од послаби притисоци во базичната компонента, која се сведе на 3,3%. Сепак, Народната банка предупредува дека инфлацијата сепак е малку повисока од првичните очекувања, што отвора простор за нагорни ризици во следниот период.

Во анализите се нагласува и дека новите проекции за цените на храната и енергијата на светските берзи се ревидирани нагоре. Во комбинација со зголемената геополитичка неизвесност, тоа може да влијае врз инфлациските очекувања и да ја зголеми нестабилноста на пазарите.

Девизните резерви на крајот од март 2026 година достигнаа 5.249,4 милиони евра, што претставува зголемување во однос на крајот на 2025 година. Овој пораст, како што наведуваат од Народната банка, е поврзан и со задолжувањето на државата на меѓународните пазари.

Во однос на економската активност, најновите високофреквентни податоци укажуваат на умерен, но континуиран раст во првото тримесечје од годината. Сепак, ризиците за понатамошниот економски раст остануваат претежно надолни и најмногу зависат од надворешните случувања. Домашните инфраструктурни проекти, пак, се оценуваат како клучен фактор за динамиката на идниот раст.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран