
На Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се поништени осум дипломи врз основа на претходно поништени осум уписи, информираше министерката за образование Весна Јаневска. Одлуката ќе биде објавена во весниците и на веб-страницата на Министерството за образование и наука.
Станува збор за вкупно 17 студенти, од кои дел биле запишани на втор циклус и веќе дипломирале. Осум од нив се опфатени со најновата одлука, додека останатите продолжиле на трет циклус на студии. Едно уверение сè уште не е поништено од страна на факултетот, по што, како што посочи Јаневска, МОН ќе пристапи кон поништување и на преостанатите документи.
„МОН постапува по закон и не прави разлика дали се работи за приватни или јавни универзитети. Секаде каде што ќе забележиме неправилности, постапуваме“, изјави Јаневска.
Дополнително, како втора утврдена неправилност, на Славјански универзитет се поништени две дипломи на еден студент, за кого постои сомнение дека во исто време студирал додипломски и постдипломски студии, при што се сомнева на фалсификат на двете дипломи.
Случаите од Филозофскиот факултет при УКИМ и од Славјанскиот универзитет се веќе пријавени во Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, кое ќе ја води понатамошната постапка во рамки на своите надлежности.
Изјавата беше дадена по доделувањето на државната награда „Гоце Делчев“ за остварувања во науката.























