УТРО.мк

Арсенал и Атлетико вечерва во битка за финале во ЛШ

Арсенал и Атлетико вечерва во битка за финале во ЛШ
Vero

Сè е подготвено за фудбалска ноќ со највисок влог во Лондон, каде што на стадионот „Емирејтс“ ќе се решава првиот финалист на Лигата на шампионите. Арсенал и Атлетико Мадрид влегуваат во реваншот со целосно отворен двомеч, по ремито 1:1 од првата средба во шпанската престолнина.

Тогаш во Мадрид немаше победник, но имаше многу борба и тензија. Двата погодоци паднаа од белата точка – прво Арсенал поведе преку Виктор Ѓекереш, а потоа Атлетико возврати преку Хулијан Алварес. Резултат кој совршено ја најави неизвесноста пред лондонскиот реванш.

Арсенал пристигнува во одличен момент од сезоната, држејќи ја лидерската позиција во Премиер лигата и со јасна амбиција конечно да го направи последниот чекор кон европското финале. Минатата сезона „топчиите“ застанаа во полуфиналето, каде беа запрени од тимот што подоцна ја освои титулата – ПСЖ, што само ја засили нивната глад за успех.

Микел Артета не ја криеше енергијата во таборот пред мечот, нагласувајќи дека неговиот тим ја живее оваа шанса како награда за долгогодишната работа и прогрес. Од „Емирејтс“ јасно порачуваат: моментот е тука, и нема простор за чекање.

Од другата страна, Диего Симеоне повторно ја носи својата препознатлива мешавина од хумор и прагматизам. Аргентинецот дури се пошегува дека Атлетико го сменил хотелот во Лондон затоа што бил поевтин, ставајќи крај на шпекулациите за суеверие по поразот од 4:0 во претходната посета.

Но зад шегата стои добро познатата порака – Атлетико доаѓа со верба, интензитет и јасна идеја како да го преживее притисокот на англиската ноќ. Симеоне верува дека неговиот тим е во подобра форма отколку на есен и дека клучот ќе биде дисциплина, енергија и концентрација во секоја минута.

Посебно внимание ќе биде насочено кон Хулијан Алварес, кој и покрај мала повреда е во комбинација за настап. Со 20 гола и 9 асистенции оваа сезона, Аргентинецот е еден од главните адути на Атлетико, заедно со Гризман и искусната средина предводена од Коке.

Сите дилеми ќе се разрешат вечерва, околу 23 часот – или подоцна ако двомечот влезе во продолженија. Победникот ќе патува во Будимпешта на 30 мај, каде го чека финалето на Лигата на шампионите.

Очекувани состави:

Арсенал: Раја; Вајт, Салиба, Габриел, Инкапје; Субименди, Рајс, Езе; Сака, Ѓекереш, Мартинели.
Отсутни: Мерино, Тимбер.

Атлетико: Облак; Љоренте, Пубиљ, Ле Норман, Руџери; Симеоне, Коке, Кардосо, Лукман; Алварес, Гризман.
Отсутни: Бариос, Гименес, Гонсалес.
Неизвесен: Серлот.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран