
РК Вардар го најави големото дерби против РК Пелистер со објавување на билетите кои веќе се пуштени во продажба за натпреварот што ќе се одигра на 7 мај, од 19:00 часот, во спортската сала „Јане Сандански“.
Влезниците се достапни по цени од 250 до 350 денари, зависно од избраната трибина и позицијата на седиштата, а интересот за овој дуел традиционално се очекува да биде огромен.
Првично закажан за претстојниот викенд, најголемата ракометна пресметка во земјава сепак е поместена. Причината се европските обврски на Вардар, поради што новиот термин е закажан за четврток, 7 мај.
Овој натпревар носи и дополнителна тежина за скопскиот клуб, бидејќи на Вардар му е потребен само еден бод за да ја обезбеди шампионската титула, која минатата сезона заврши во рацете на битолскиот ривал.























