
Грчките власти ќе носат одлуки за примената на биометриските проверки на граничните премини во зависност од интензитетот на патничкиот сообраќај, со цел да се избегнат застои и да се обезбеди почитување на европските правила.
Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, изјави дека земјата ќе ја следи состојбата на секој граничен пункт и ќе презема мерки во рамките на европската регулатива за Системот за влез и излез (EES).
– Регулативата овозможува флексибилност за справување со зголемен притисок на границите. Грција ќе ја оценува состојбата и ќе реагира соодветно за да се обезбеди проток на патници и усогласеност со правилата – посочи Маринакис.
Целосната имплементација на системот веќе предизвика предизвици, особено на граничниот премин Евзони–Богородица, каде што беа забележани подолги редици. Дополнително, реакции пристигнаа и од Унијата на полицајци од Килкис, кои оценија дека состојбата на дел од премините е проблематична.
Според грчката полиција, системот е во функција од 12 октомври 2025 година на сите 99 гранични премини во земјата, како дел од европската регулатива за контрола на влез и излез на државјани од трети земји.
Во меѓувреме, туристички организации од Северна Македонија и Србија побараа привремено олеснување на мерките за време на летната сезона. Од Сојузот на стопанските комори на Македонија беше упатено барање за одложување на примената на системот од 1 јуни до 1 септември, со цел да се намалат гужвите и да се олесни патувањето на туристите.
Грчките власти, засега, остануваат на ставот дека мерките ќе се приспособуваат според реалната состојба на терен, без целосно отстапување од европската регулатива.























