
Во Прилеп е пријавен сериозен случај на долготрајно следење и полово вознемирување на малолетничка, кој наводно траел речиси две години.
Според информациите од СВР Битола, синоќа во 21:45 часот во ОВР Прилеп, 44-годишен жител на градот пријавил дека неговата ќерка била изложена на вознемирувачко однесување од страна на 39-годишен прилепчанец, кој во подолг временски период ја следел и ја вознемирувал.
Инцидентот, како што е наведено во пријавата, кулминирал вчера кога осомничениот во продажен објект физички ја допрел малолетничката по телото, што дополнително ја засилило загриженоста кај семејството и довело до итно пријавување во полиција.
Од полицијата информираат дека се преземаат интензивни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.























