Србија денес беше погодена од три земјотреси во рок од само час и половина, при што најсилниот достигна 4,4 степени според Рихтеровата скала.
Првиот потрес беше регистриран во 14:43 часот во планинскиот регион Голија, околу 20 километри источно од Сјеница, со проценет теоретски интензитет на епицентарот од шестиот степен според Меркалиевата скала. Околу дваесет минути подоцна следеше послаб земјотрес од 2 степени, а помалку од час и половина по првиот, во истата област беше регистриран и трет потрес со магнитуда од 1,9 степени.
Граѓаните известуваат дека потресите биле добро почувствувани и во други делови на земјата, вклучително Нови Пазар, Чачак, Краљево, Ужице, Крагуевац, Јагодина, Ниш, Панчево, па дури и во Белград. Во Скопско исто така беше почувствуван потресот.
„Се тресеше добро, ормарите се тресеа, а креветот малку нишаше“, велат жителите на Сјеница. Надлежните служби засега не пријавиле материјална штета или повредени, но апелираат граѓаните да останат смирени и да се придржуваат до основните упатства за однесување при земјотрес.
Сеизмолозите истакнуваат дека земјотресите со овие интензитети не се невообичаени за регионот и најчесто предизвикуваат само помали штети во епицентралното подрачје.