Нови Сад, 5 септември 2025 – Студентите кои веќе денови блокираат дел од факултетите на Универзитетот во Нови Сад повикаа на масовен протест вечерва во 19 часот. Причина за протестот, како што наведуваат, е нарушувањето на автономијата на Универзитетот по упадите на полицијата во Филозофскиот факултет и Факултетот за физичка култура и спорт.
Студентите порачаа дека акцијата ќе биде насочена кон заштита на автономијата на Универзитетот, а протестот ќе се одржи во рамките на универзитетскиот кампус. „Србија, можеме ли да се слушнеме?“ – е пораката со која ги повикаа граѓаните да им се приклучат.
Последните денови ситуацијата ескалираше откако деканите на двата факултета, Миливој Алановиќ и Патрик Дрид, со полициска поддршка влегоа во зградите, сменија брави и останаа внатре под обезбедување. Во неколку наврати имаше турканици меѓу студентите, граѓаните и полицијата, а во понеделникот полицијата употреби и шок бомби за растерување на собир пред кампусот.
Студентите најавија дека очекуваат поддршка и од академците од другите универзитети, како и од граѓаните низ цела Србија.
Во пресрет на протестот, Здружението на професионални полицајци апелираше сите страни да се воздржат од ескалација на тензиите и да се свртат кон дијалог.