УТРО.мк

Романската патријаршија категорично против легализацијата на проституцијата

Романската патријаршија категорично против легализацијата на проституцијата
Vero
crkva romanija
crkva romanija

Романската патријаршија јасно го изрази својот став против иницијативата за легализација на проституцијата, предупредувајќи дека таков потег е во директен судир со православното христијанско учење и со почитта кон човечкото достоинство.

Во официјалното соопштение, црквата ја опишува проституцијата како „сериозна форма на експлоатација и комерцијализација на човечкото тело за финансиска добивка“, која носи длабоки негативни последици за поединецот, но и за целото општество. Патријаршијата предупредува дека легализацијата не само што не ги решава социјалните проблеми поврзани со оваа практика, туку напротив – ги продлабочува: „Таа поттикнува занемарување на човечкото достоинство и води кон морална деградација на општеството.“

Црквата ја потсетува јавноста и на меѓународната обврзаност на Романија. Како потписничка на Конвенцијата на Обединетите нации за сузбивање на трговијата со луѓе, државата е должна да ги забрани сите облици на организирана проституција. „Проституцијата е неспоивa со достоинството на човечката личност и ги загрозува благосостојбата на поединецот, семејството и заедницата“, се наведува во документот.

Во објаснувањето на црковниот став, Патријаршијата се повикува на Светото писмо и традиционалното православно учење. Проституцијата, според ова учење, е „неспојлива со духовниот живот“ (сп. Второзаконие 23:17; 1 Сол. 4:3), а човечкото тело е „храм на Светиот Дух“ (1 Кор. 6:19). Секој облик на сексуална експлоатација или понижувачка употреба на телото, предупредуваат од Патријаршијата, оставува трајни физички, психолошки и духовни последици.

Патријаршијата истакнува дека легализацијата не би ја спречила трговијата со луѓе и не би го намалила ризикот од сексуална експлоатација. Напротив, постои реална опасност да се создаде правна рамка која би овозможила ширење на практики што се неспоиви со човечката слобода и достоинство.

„Во моментот кога законодавни иницијативи јасно се спротивставуваат на моралните вредности и на учењето на Православната црква, нашата должност е јавно да реагираме“, порачаа од Романската патријаршија, нагласувајќи ја потребата од цврст и недвосмислен став.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран