
Албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК) проверува како биле одобрени туристичките проекти во Звернец, Бакс-Рјол и Дивјака-Караваста. Премиерот Еди Рама е наведен во кривичната пријава, но објавеното писмо на СПАК не потврдува дека тој има статус на осомничен.
Во писмото од 6 ноември, потпишано од шефот на СПАК, Клодјан Брахо, обвинителството ги известило подносителите дека предметот е заведен на 10 септември и е во фаза на истрага. Пријавата ја поднеле експерти и учесници во протестите. Тие бараат да се провери дали со законски измени, урбанистички планови и дозволи им било овозможено на инвеститори да градат во заштитени подрачја. Дел од оспорените одлуки ги донел Националниот совет за територија, со кој претседава Рама.
Меѓу проектите опфатени со пријавата е планираниот луксузен комплекс во Звернец. Според „Ројтерс“, меѓу инвеститорите е Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Рама претходно изјави за „Јуроњуз“ дека одлуката за проектот ќе зависи од резултатите од проценката на влијанието врз животната средина.























