
Воспоставувањето секторски Центар за безбедносни операции (SOC) и можностите за негово финансирање беа во фокусот на работниот состанок на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со претставници на BAE Systems. Состанокот се одржа во рамките на програмата „Фалкон“, со поддршка од Амбасадата на САД.
На средбата беа презентирани резултатите од проценката и теренските анализи на ИТ-системите на Министерството. Според соопштението, експертите од BAE Systems го оценија ИТ-тимот на Министерството како еден од најподготвените со кои досега соработувале, издвојувајќи ја доследната примена на меѓународните стандарди за сајбербезбедност.
Предложениот центар треба да им помогне на институциите во енергетскиот сектор навреме да ги откриваат сајберзаканите и координирано да реагираат при инциденти, за да се обезбеди непречено снабдување со енергија за граѓаните и стопанството. Како можни извори на финансирање се разгледуваат европските фондови и Реформската агенда.
„Заштитата на ИТ-инфраструктурата е клучна за нашата енергетска стабилност“, истакна Божиновска.
На состанокот беше потврдено продолжувањето на партнерството со BAE Systems за зајакнување на заштитата на критичната енергетска инфраструктура.























