
Системот „Безбеден град“ треба да почне да се применува на подрачјето на СВР Струмица во првата недела од декември, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Потоа следува СВР Штип, каде што подготовките треба да завршат до крајот на годинава. За поврзувањето на СВР Битола, според министерот, ќе бидат потребни уште еден до еден и пол месец. Тошковски очекува системот да ја опфати целата држава до февруари 2027 година.
МВР планира да ги опреми полициските автомобили со уреди што ќе ја мерат брзината и додека патролата е во движење. Предвидени се и мобилни камери на делници каде што најчесто се случуваат несреќи со загинати или тешко повредени. Со тоа, контроли би се спроведувале и на места каде што нема фиксни камери.
Според билансот на МВР, од 2 февруари до 20 август системот евидентирал 310.865 сообраќајни прекршоци, од кои 301.835 за пречекорување на дозволената брзина. Бројките се однесуваат на евидентирани прекршоци, а не на наплатени глоби.























