
Албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, најави дека трите земји – Албанија, Косово и Хрватска – ќе одржат прва трилатерална воена вежба во 2026 година, како дел од неодамна потпишаниот договор за одбранбена соработка. Според Венгу, ова е важен чекор кон зајакнување на воената координација и интероперабилноста меѓу вооружените сили на трите земји.
„Нашата цел е да ги зголемиме оперативната подготвеност и способноста за заедничко дејствување при справување со безбедносни предизвици и хибридни закани“, истакна министерот. Тој посебно нагласи дека планираните вежби се во согласност со стратегиите на НАТО и евроатлантските цели на регионот.
Претходно, се одржа заеднички состанок во Скадар меѓу началниците на генералштабовите на Албанија и Хрватска и командантот на косовските безбедносни сили, со цел унапредување на практичната воена соработка. Овој состанок предизвика жестока реакција од Белград. Српското Министерство за одбрана оцени дека продлабочувањето на трилатералната соработка претставува „безбедносен предизвик и закана за мирот во регионот“ и го нарече состанокот „фактор на притисок кон Србија и српскиот народ на Косово“.























