
Пелистер ја започнува пролетната полусезона со јасна цел – опстанок во Првата македонска фудбалска лига. По катастрофалната есенска серија од 77 дена без победа, битолчани се соочуваат со притисокот да ги поправат грешките и да покажат дека можат да се борат за бодови.
Тренерот Милан Стојаноски истакнува дека подготовките во текот на зимата биле внимателно планирани. Тимот се засили со пет нови фудбалери, меѓу кои и искусниот стопер Кире Ристевски, а на тренинзите и пријателските натпревари во Анталија се тестирани сите играчи – и искусни и млади. „Намаливме ризик и се фокусиравме на квалитетни противници. Сакавме сите да добијат шанса, да видиме каде сме и да ја изградиме физичката кондиција за пролетта“, изјави Стојаноски.
Во подготовките тимот одигра пријателски средби со Спартак Суботица, Борац Бања Лука и два клубови од Узбекистан – Пакхатор и Навбахор, а по враќањето во Македонија се одиграа полесни дуели со понискорaнгирaни клубови како Новаци и Преспа.
Сега пред Пелистер е нов предизвик – дуел со Работнички во 17. коло од ПМФЛ. Скопјани имаат тешка есенска полусезона и само седум бода на претпоследната позиција, но историјата покажува дека битолчани не ја заборавиле последната победа над Работнички – тоа беше пред осум години, во февруари 2018 година, кога Пелистер славеше со 3:2.
„Момците се подготвени, немаме повредени, а со новите засилувања се надевавме на подобрување на сите линии. Ова ќе биде тест за нивната желба за победа. Психолошки, добриот старт е клучен“, истакна Стојаноски.























