
Тројца сопственици и управители на фирма ќе одговараат за сериозно загадување во скопско Визбегово, откако обвинителството поднесе обвинение поради незаконско складирање опасен отпад што доведе до голем пожар и масовно загадување на воздухот.
Според обвинението, од крајот на февруари до почетокот на јули минатата година, обвинетите без дозвола складирале и управувале со опасен отпад на парцела во Визбегово. Станува збор за материјали со експлозивни, запаливи и токсични својства, како и супстанции што можат да бидат канцерогени и штетни за животната средина.
На 9 јули 2025 година на локацијата избувнал пожар кој, поради обемот и ризикот, не можел веднаш да биде ставен под контрола. Дел од отпадот изгорел, при што во воздухот се издигнал густ црн чад. Мерењата на надлежните служби потврдиле значително загадување.
Обвинителството наведува дека со ваквите постапки била создадена сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина.
Одговорноста се лоцира кај управителката и сопственичка на фирмата, која заедно со уште едно лице активно учествувала во незаконското работење. Обвинение е поднесено и против уште една сопственичка на фирмата и на парцелата, која според обвинителството требало да биде свесна за ризиците што ги носи складирањето ваков отпад.
На обвинетите им се става на товар кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.























