Мал пожар во петтиот блок на бугарската нуклеарна централа „Козлодуј“ предизвика вознемиреност кај јавноста, но според официјалните информации, ситуацијата е ставена под целосна контрола и нема истекување на радиоактивни материи.
Инцидентот се случил во техничкиот дел од блокот, каде противпожарните екипи веднаш интервенирале по пријавата за густ чад. Техничарите извршиле замена на оштетената опрема и детална проверка на сите заштитни системи.
Од управата на „Козлодуј“ информираа дека сите мерни инструменти покажуваат нормални вредности на радијација и дека нема опасност за населението.
Енергетските експерти, сепак, потсетуваат дека ваквите инциденти укажуваат на потреба од постојано одржување и модернизација на старите системи, бидејќи централата „Козлодуј“ обезбедува околу една третина од електричната енергија на Бугарија и има клучна улога во регионалната енергетска стабилност.































