Полицијата во Тирана ја опколи зградата каде се редакциите на телевизијата News24 и весниците „Панорама“ и „Газета шчиптаре“, поради што беше насилно прекинат сигналот за емитување на News24. Новинарите на овие медиуми не беа пуштени да пристапат до своите работни простории.
Здружението на новинари на Албанија (AGSH) ја осуди оваа акција како неприфатлив чин и директна закана за слободата на печатот, предупредувајќи дека станува збор за грубо кршење на демократските принципи и правото на слободно изразување загарантирано со уставот и меѓународните стандарди за човекови права.
„Полициската интервенција која ја попречува работата на новинарите претставува отворен притисок врз слободните медиуми“, наведува здружението и повикува државните институции веднаш да ја прекинат акцијата и да им го овозможат пристапот на новинарите до работните простории.
AGSH апелира и до локалните и меѓународните организации за слобода на изразување да ја следат ситуацијата и да реагираат. „Секој конфликт со приватните телевизии треба да се решава преку разбирање, а не со сила“, се заклучува во нивната реакција.
За овој „чин без преседан против слободата на медиумите“ реагираа и БИРН, аналитичари и опозициските партии, повикувајќи на итна реакција од политичките партии, граѓанското општество и странските амбасади во Тирана. Засега нема официјално објаснување за причините зад акцијата.