
Европската комисија отвори пет постапки против Бугарија поради сомневања дека земјата не ги исполнува целосно обврските што произлегуваат од европското законодавство.
Забелешките на Брисел опфаќаат повеќе области, меѓу кои управувањето со отпадот и рециклирањето, заштитата на личните податоци, контролата на супстанции што можат да се користат за изработка на експлозиви, како и условите за обезбедување одредени енергетски и градежни услуги.
Во делот на управувањето со отпадот, Европската комисија испрати образложено мислење до Бугарија поради неисполнување на повеќе цели за подготовка за повторна употреба и рециклирање на комуналниот отпад.
Комисијата има забелешки и на задолжителните дозволи и сертификати што бугарските власти ги бараат за одредени услуги поврзани со енергетски инсталации и градежништво. Според оценката на ЕК, ваквите барања можат да претставуваат ограничување за давателите на услуги и пречка за слободното обезбедување услуги на единствениот европски пазар.
Една од постапките се однесува и на примената на правилата за прекурсори на експлозиви – супстанции и смеси кои имаат легитимна употреба, но можат да бидат злоупотребени за производство на експлозивни направи.
Од Бугарија се бара подобрување на механизмите за пријавување сомнителни трансакции, исчезнувања и кражби на вакви супстанции. Комисијата посочува и на обврски поврзани со определување надлежни институции и воспоставување соодветни санкции.
Дополнителни забелешки се упатени во областа на заштитата на личните податоци. Европската комисија смета дека бугарските органи за спроведување на законот не ги применуваат целосно правилата од директивата што ја регулира обработката на личните податоци од страна на полицијата и другите надлежни органи.
Целта на овие правила е да се постигне баланс меѓу ефикасното спроведување на законот и заштитата на основното право на приватност и заштита на личните податоци.
Отворањето на прекршочните постапки не значи дека Бугарија веднаш е санкционирана или дека автоматски следува финансиска казна. Земјата има можност да одговори на забелешките и да ги преземе потребните мерки за усогласување со правото на Европската Унија.
Доколку Европската комисија утврди дека недостатоците не се отстранети, постапките можат да продолжат во следните фази, а во краен случај може да стигнат и до Судот на правдата на Европската Унија.















