
Македонија бележи значителен раст на производството на електрична енергија од сонце и според податоците на Ember за 2025 година има еден од највисоките удели на соларната енергија во однос на годишната потрошувачка меѓу балканските земји.
Соларните електрани во земјата во текот на 2025 година произвеле околу 2,21 TWh електрична енергија, додека вкупната годишна побарувачка изнесувала околу 8,48 TWh. Тоа значи дека произведената соларна енергија е еквивалентна на приближно 26,1 отсто од вкупната годишна потрошувачка.
Според истата база на податоци, Грција во 2025 година произвела околу 11,4 TWh соларна електрична енергија при годишна побарувачка од 54,9 TWh, што претставува околу 20,8 отсто.
Во Бугарија соларното производство достигнало околу 6,93 TWh, наспроти потрошувачка од приближно 36,8 TWh, односно еквивалент од околу 18,8 отсто.
Во останатите земји од регионот уделот е значително помал. Албанија произвела околу 400 GWh соларна струја при годишна побарувачка од 7,99 TWh, што одговара на околу 5 отсто.
Србија, пак, произвела околу 160 GWh од сонце при побарувачка од околу 38 TWh, односно околу 0,4 отсто. Во Косово соларното производство било околу 10 GWh, при годишна побарувачка од 7,42 TWh, што претставува околу 0,1 отсто.
Податоците укажуваат на забрзан развој на фотоволтаичното производство во Македонија во последните години. Особено значаен е податокот дека соларните електрани во 2025 година учествувале со околу 31,1 отсто во вкупното домашно производство на електрична енергија.
Според Ember, сончевата енергија во текот на годината била најголемиот поединечен извор на произведена електрична енергија во Македонија во рамките на оваа база на податоци.
Сепак, уделот од 26,1 отсто треба правилно да се толкува. Тој не значи дека во секој момент повеќе од една четвртина од електричната енергија што ја користат потрошувачите доаѓа директно од соларни панели. Станува збор за споредба меѓу вкупната количина електрична енергија произведена од сонце во текот на целата 2025 година и вкупната годишна потрошувачка.
Податоците на Ember се базираат на меѓународна база и се обработени според иста методологија за земјите опфатени во споредбата.















