Албанија го активираше Европскиот механизам за цивилна заштита откако тројца пожарникари беа хоспитализирани поради труење со чад додека се бореле со големиот шумски пожар во Дукат. Како што изјави министерот за одбрана Пиро Венгу, ситуацијата е сериозна, а интервенцијата на европските партнери е клучна за справување со огнената стихија.
Први во помош пристигнаа два авиона „Канадер“ од Грција, кои веднаш се вклучија во гаснењето на пожарот што веќе неколку дена ја зафаќа областа околу Националниот парк Љогора. Попладнето се приклучи и еден италијански „Канадер“, со што меѓународната операција доби дополнителен импулс.
Според надлежните, Албанија моментално се соочува со исклучително тежок период – дневно се регистрираат во просек по 25 пожари ширум земјата. Во акциите се ангажирани не само противпожарните единици, туку и армиски сили, кои работат на терен во тешки услови.
Властите укажуваат дека голем дел од пожарите се подметнати, а за тоа веќе се приведени неколку осомничени. Минатата година, во летниот период, беа евидентирани над 1.100 пожари, што ја става Албанија во редот на земји со сериозно висок ризик од шумски пожари во летните месеци.