Противпожарен хеликоптер на грчката Противпожарна служба денеска падна во морето во близина на Елефсина, западно од Атина, најверојатно за време на обид да наполни вода за гаснење на активен шумски пожар, јави дописничката на МИА од Атина.
Според првичните информации, се работи за хеликоптер од типот Ериксон, а причините за падот засега остануваат непознати.
Од Крајбрежната служба на Грција соопштија дека акцијата за спасување вклучила патролни бродови, приватни пловни средства и чамци, со чија помош успешно биле извлечени тројцата членови на екипажот.
Спасените веднаш биле пренесени на копно и со амбулантни возила транспортирани во болница. Состојбата на екипажот не е детално соопштена, но се наведува дека се надвор од животна опасност.