Шумски пожари го зафатија егејскиот остров Хиос, принудувајќи евакуација на шест населени места, пренесе „Катимерини“. Најтешко е погодена областа Агиос Макариос Вронтадос, каде жителите добија итна тревога преку системот 112 да се упатат кон плажата Вронтадос.
Властите наредија евакуација и на Парифес, Јалурика, Панагија Воитеја, Агиос Пантелејмонас и Кастроминас. Градоначалникот на Хиос, Јанис Малафис, информира дека пожарот има три одделни фронта, што ги отежнува напорите на пожарникарите.
– Ситуацијата е многу тешка. Ветровите се исклучително силни, а иако хеликоптерите се вклучени во гаснењето, работат под екстремни услови – изјави Малафис.
Пожар избувна и на островот Евија, во близина на Атина. Како мерка на претпазливост, еден хотел беше евакуиран. Грчките противпожарни сили остануваат во состојба на зголемена готовност поради силните ветрови и високите температури.