Грција сè помалку достапна: 50 евра за лежалки на Мермерната плажа
Одморот во Грција, не така одамна симбол на прифатливи цени и топло гостопримство, денес сè повеќе се претвора во луксуз што бара сериозна финансиска подготовка. Последниот пример доаѓа од познатата Мермерна плажа на островот Тасос, каде што изнајмувањето на две лежалки со чадор чини дури 50 евра на ден.
Фотографија со ценовникот од плажата беше споделена во популарната Фејсбук група „Инфо за Грција“, предизвикувајќи лавина реакции од туристи и љубители на грчкото лето. Иако во цената се вклучени два бесплатни пијалока, многумина сметаат дека сумата е претерана.
„Ова беше дива плажа, мирна и природна… Сега благодарам, но не“, напиша еден од корисниците. Други пак истакнуваат дека на само стотина метри има бесплатна плажа, без гужви и без такси.
Има и коментари што ја критикуваат културата на лежалките:
„Земете си подлога, чадор и уживајте. Песокот е дар, исто како и морето – зошто да плаќаме за нешто што е бесплатно од природата?“
Сè повеќе туристи ги заобиколуваат скапите сетови со тоа што избираат непопуларизирани локации, пристигнуваат рано за да си обезбедат место на јавна плажа или едноставно носат своја опрема. За многумина, тоа е единствениот начин да се задржи летниот одмор во рамките на достапен буџет.
И покрај сè, Грција останува една од омилените дестинации во регионот. Но со растот на цените, дури и кај најосновните услуги, многумина се прашуваат: дали традиционално достапната Грција полека го губи својот најголем адут – летување за сите?