
Од денот на објавување на одлуката на Уставниот суд за укинување на неработната недела во „Службен весник“, зависи дали оваа или следната недела ќе биде првата работна недела во продавниците, за прв пат од средината на октомври 2019 година, јавија црногорските медиуми.
На седницата одржана на 28 јануари, Уставниот суд на Црна Гора го укина како неуставен членот 35а од Законот за внатрешна трговија, со кој беше пропишана забраната за работа на продавници во недела и на државни и други празници. Завчера, тој ја достави одлуката до „Службен весник“, кој, според Законот за објавување на прописи и други акти, може да го објави поднесениот акт во првото следно издание, и тоа најдоцна во рок од 10 дена од денот на доставувањето.
Одлуката на Уставниот суд важи од денот на објавувањето, па доколку биде објавена денес, продавниците би можеле да бидат отворени веќе од недела, 8 февруари. Доколку, пак, објавувањето се случи во текот на следната недела, првата работна недела за трговците на мало би била 15 февруари.
На 16 февруари, по иницијатива на мнозинството, пратениците во црногорскиот парламент ќе разговараат за измени на Законот за внатрешна трговија, со кои се гарантира дека неделата ќе продолжи да биде ден за одмор за речиси 50.000 вработени во продавниците.
На 28 јануари, пратениците на движењето Европа поднесоа во собраниска процедура барање за одржување вонредна седница на Собранието на Црна Гора, каде што ќе се дискутираат измените на Законот за внатрешна трговија со кои се гарантира неработен ден.
Опозициската ДПС ја објави својата поддршка за оваа иницијатива.
Вчера, Трговскиот комитет на Стопанската комора на Црна Гора ги покани претставниците на Синдикатот на работодавачи во Социјалниот совет утре да организираат состанок со членовите на Трговскиот комитет од редовите на трговците на големо, трговците на мало, претставниците на трговските центри и малите трговци на мало, пред да го испратат Предлогот за измени на Законот за внатрешна трговија во собраниска процедура.
Пратеникот на СД, Борис Мугоша, за порталот RTCG изјави дека денес, по негова иницијатива, Комисијата за економија, финансии и буџет ќе одржи седница на тема: „Неработен ден“.























