УТРО.мк

Нови цени на Европската трпеза – Кои производи најмногу поскапеа?

Нови цени на Европската трпеза  – Кои производи најмногу поскапеа?
Vero

Цените на храната низ Европа продолжија да растат и во 2025 година, при што во ЕУ е регистрирано просечно зголемување од 2,8% на годишно ниво, покажуваат податоците на Евростат, анализирани од „Еуроњуз бизнис“. Зад овој просек се кријат значителни разлики – и меѓу земјите и меѓу поединечните прехранбени производи.

Турција е убедливо на врвот според инфлацијата на храната, со годишен раст од 32,8%, што ја отсликува пошироката економска нестабилност во земјата. Следува Косово со 7,6%. Во рамките на ЕУ, највисока инфлација е забележана во Романија – 6,7%, а повисоки стапки од европскиот просек се регистрирани и во Бугарија, балтичките земји и делови од Балканот, каде растот најчесто се движел меѓу 4% и 7%. Во Хрватска инфлацијата на храната изнесувала 4,5%, а во Словенија 4,7%.

Спротивно на овој тренд, Швајцарија е единствената европска земја каде цените на храната се намалиле – за 1,1%, додека во Кипар останале непроменети. Кај најголемите економии во ЕУ, Франција имала најниска инфлација на храната од само 0,7%, Германија и Шпанија по 2,1%, а Италија 2,5%.

Анализата на 64 основни прехранбени производи покажува дека кај најголемиот дел од нив има поскапување. Најизразен раст е регистриран кај чоколадото, чија цена пораснала за 17,8% на ниво на ЕУ. Следуваат замрзнатото овошје со 13% и говедското и телешкото месо со 10%. Значително поскапеле и јајцата (8,4%), путерот (8,3%), јагнешкото и козјото месо (7,2%), како и шеќерот, џемот и медот (6,8%).

Во Хрватска, зголемувањата биле уште поизразени кај одредени производи: чоколадото поскапело за 15%, замрзнатото овошје за 20%, а говедското и телешкото месо за 22%, што ја става земјата меѓу оние со најголем раст во Европа. Истовремено, цената на путерот таму е намалена за 3%.

И покрај општиот тренд на раст, неколку производи поевтиниле. Најголем пад е забележан кај маслиновото масло – 22,9%, поради корекција по силниот раст во претходните години. Цените на шеќерот се намалиле за 11%, на маслата и мастите за 5,4%, а на компирите за 5,2%.

Податоците по земји откриваат и екстремни разлики. Цените на чоколадото пораснале за повеќе од 30% во Полска, Литванија и Естонија. Кај говедското и телешкото месо, Холандија, Хрватска и Латвија забележале раст над 20%, додека во Швајцарија цените останале непроменети. Јајцата поскапеле за 20% или повеќе во пет земји, со Косово на врвот со раст од 30%.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран