
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, оствари средба со млади од градот, која се одржа во пријатна и опуштена атмосфера, без формални говори и протокол, со цел поттикнување искрен дијалог и размена на мислења за животните предизвици, личниот развој и иднината на младите.

На средбата младите отворено зборуваа за своите искуства, дилеми и очекувања, поставувајќи прашања и споделувајќи ставови за теми кои директно ги засегаат. Градоначалникот Проданоски ја истакна важноста од ваквиот непосреден контакт меѓу локалната самоуправа и младите.
„Верувам дека ваквите средби се најдобар начин да се приближиме едни до други, не како функции и титули, туку како луѓе. Младите се силата и иднината на нашиот град, а локалната самоуправа останува силен партнер и поддржувач на нивниот развој, иницијативи и ангажманот во општина Прилеп“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот Проданоски.

Настанот беше организиран од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА и СОС Детско село Македонија.
Освен градоначалникот Проданоски, говорници на настанот беа и претседателката на Советот на Општина Прилеп, Билјана Кржеска, советникот Христијан Тунески и службеникот за млади Гоце Бумбароски.























