УТРО.мк

Научна студија: Македонската заедница во Округот Корча со длабоки корени и силен колективен идентитет

Научна студија: Македонската заедница во Округот Корча со длабоки корени и силен колективен идентитет
Vero

Во Универзитетот „Фан Ноли“ во албанскиот град Корча денес беше презентиран завршниот дел од проектот „Културното наследство на етничките и јазичните малцинства во Округот на Корча“, при што беше претставена и обемна научна студија посветена на македонското, влашкото, ромското и египќанското малцинство — заедници кои, според истражувачите, реално живеат и делуваат во овој регион.

Во делот посветен на македонското малцинство, студијата истакнува дека оваа заедница има длабоки историски корени и изграден колективен идентитет, кој се пренесува од генерација на генерација, и покрај бројните политички, социјални и економски предизвици.

– Зачувувањето, документирањето и промовирањето на културното наследство на македонското малцинство не е само прашање на заедничка историја, туку и морална, политичка и правна обврска на албанската држава — во насока на еднаквост, вклученост и заемно почитување, се наведува во студијата.

Настанот го отворија ректорот на Универзитетот „Фан Ноли“, Лоренц Економи, и претседателот на Советот на Округот Корча, Ерион Неџипи, а присуствуваа претставници на институции и на малцинствата.

Од името на македонското друштво „Сонце“, со поздравно обраќање се јави Васил Стерјовски, кој нагласи дека македонската заедница во Преспа е автохтона и дека со генерации успева да го зачува својот јазик, обичаи, фолклор и духовни вредности.

– Народната носија е еден од најсилните симболи на нашето културно наследство. Таа е повеќе од облека – таа е уметност, историја и симбол на културна припадност, изјави Стерјовски, додавајќи дека фолклорот, песните и ората претставуваат суштински дел од идентитетот на македонската заедница во Преспа.

– Овој настан е не само можност да се претстави нашето наследство, туку и повик до сите – институции, граѓани и државата – да помогнат во неговата заштита, вреднување и пренесување на новите генерации, порача Стерјовски.

Покрај презентацијата на студијата, во холот на универзитетот се одржа и саем посветен на културното наследство на малцинствата од округот. Македонското друштво „Сонце“ се претстави со автентични носии од Преспа, рачно изработени ракотворби, брошури, разгледници и други промотивни материјали.

Проектот е поддржан од Агенцијата за научни истражувања и иновации на Албанија, а го спроведоа професори од Универзитетот „Фан Ноли“, кои преку теренска работа направија детална евиденција на малцинствата што реално живеат во Корчанскиот округ и го проучуваа нивното културно наследство.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран