Грчката Влада со внимание и загриженост ги следи случувањата на Блискиот Исток, оценувајќи дека постои реална закана од сериозна ескалација со пошироки последици по регионалната стабилност. Ова беше истакнато по вонредниот состанок на Советот за национална безбедност, свикан попладнево од премиерот Киријакос Мицотакис.
Портпаролот на Владата, Павлос Маринакис, изјави дека Грција апелира до сите страни да покажат максимална воздржаност и да избегнат понатамошна ескалација, која би можела да предизвика дестабилизација во поширокиот регион.
– Цврстиот став на Грција е дека сите решенија мора да се бараат преку дипломатија. Нашата земја ќе продолжи да работи заедно со своите партнери и сојузници во насока на зачувување на регионалната безбедност и стабилност – нагласи Маринакис, пренесува дописничката на МИА од Атина.
На состанокот биле разгледани најновите случувања на терен, додека министерот за надворешни работи ги информирал присутните за состојбата со грчките државјани кои се наоѓаат во Израел и Иран, како и за мерките за нивна заштита и евентуална помош.