УТРО.мк

Насилни протести пред албанскиот парламент, полицијата интервенира со водени топови и солзавец

Насилни протести пред албанскиот парламент, полицијата интервенира со водени топови и солзавец
Vero

Пред албанскиот парламент во Тирана денеска се одржаа масовни протести кои ескалираа во инциденти меѓу демонстрантите и полициските сили, додека во зградата се одвиваше пленарна седница на законодавниот дом.

Протестите беа организирани против владата на премиерот Еди Рама, а граѓаните се собраа уште од раните утрински часови со транспаренти и пораки со кои бараа политички промени.

Според албанските медиуми, по почетокот на седницата околу 10 часот, ситуацијата пред парламентот се влошила, при што биле регистрирани први инциденти, вклучително фрлање јајца и брашно кон пратениците и обиди за пробивање на полицискиот кордон.

Дел од демонстрантите се обиделе да влезат во објекти во близина на парламентот, каде што во тој момент се наоѓале пратеници, при што дошло до дополнителни тензии и нарушување на јавниот ред.

Полициските сили интервенирале со употреба на солзавец, бибер спреј и водени топови, со цел да воспостават контрола и да обезбедат безбеден излез за службените возила од комплексот на парламентот.

Според информациите, дел од демонстрантите фрлале предмети кон полицијата, а во инцидентите се повредени неколку лица, меѓу кои и тројца полицајци кои биле пренесени на медицински третман.

Полицијата привела неколку учесници во протестите, иако точниот број засега не е официјално соопштен, додека дел од медиумите јавуваат дека се работи за осум приведени лица.

Безбедносните мерки околу парламентот биле засилени уште пред почетокот на седницата, со распоредување на оклопни возила и дополнителни полициски единици.

И покрај немирите пред зградата, собранието продолжи со работа по утврдениот дневен ред, при што биле усвоени одредени закони и разгледани извештаи од институциите.

Опозициската Демократска партија на Албанија соопшти дека ја бојкотирала седницата, обвинувајќи го владејачкото мнозинство за злоупотреба на безбедносните сили и ограничување на правото на протест.

Протестите и помали инциденти биле забележани и претходниот ден, што укажува на продолжена политичка тензија во земјата.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin