
Албанија би можела да се соочи со сериозни последици во процесот на пристапување кон Европската Унија доколку продолжи со реализацијата на контроверзниот туристички проект на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, предупредија европратеници по неодамнешната посета на земјата.
Според нив, проектот претставува закана за заштитените природни подрачја и не е во согласност со европските стандарди за заштита на животната средина, што може да го забави евроинтеграцискиот процес на Албанија.
Холандската европратеничка Тинеке Стрик, која ја предводеше делегацијата на Европскиот парламент, изјави дека владата на премиерот Еди Рама „си игра со оган“ доколку инсистира на изградба на луксузно одморалиште вредно 1,4 милијарди евра.
Таа во изјава за британскиот весник „Гардијан“ порача дека, доколку европската интеграција е приоритет на Албанија, тогаш мора јасно да се стави до знаење дека земјата ја избира Европа пред вакви проекти.
Проектот предвидува изградба на туристички комплекс на островот Сазан и на дел од полуостровот Звернец, подрачја кои се сметаат за едни од највредните природни богатства во земјата. Тој веќе предизвика силни реакции во јавноста, масовни протести и барања за негово преиспитување.
Европскиот парламент минатиот месец усвои резолуција со која се повикува на итно запирање на градежните активности во заштитените подрачја и повлекување на законските измени што овозможуваат стратешките инвеститори да добиваат дозволи за градба во чувствителни зони.
Според европратениците, дел од активностите веќе предизвикале еколошка штета, вклучително уништување на шумски појаси, песочни дини и изградба на патишта низ заштитени подрачја, што, како што наведуваат, не е во согласност со европските стандарди.
Тие изразуваат загриженост и за наводи за нетранспарентно доделување на земјиште и градежни дозволи, повикувајќи ја Европската комисија внимателно да го следи случајот.
Иако Албанија има цел да ги заврши преговорите за членство во ЕУ до крајот на 2027 година, европратениците предупредуваат дека ваквите одлуки би можеле значително да го забават нејзиниот пат кон Унијата.

















