УТРО.мк

Најстарата палафитна населба во Европа се наоѓа на брегот на Охридското Езеро во Лин

Најстарата палафитна населба во Европа се наоѓа на брегот на Охридското Езеро во Лин
Vero

Најстарата палафитна (на колци изградена) населба во Европа се наоѓа во селото Лин, на албанскиот брег на Охридското Езеро, потврдуваат археолозите од Институтот за археологија и Универзитетот во Берн. Истражувањата покажуваат дека пред околу 8.500 години тука живееле земјоделски заедници кои изградиле дрвени конструкции над водата и ги користеле природните ресурси од околината.

Во рамки на првата фаза од проектот, која се реализира со поддршка од Швајцарија, се пронајдени стотици артефакти под земја и под вода – дрвени столбови, керамика и органски материјали, дел од кои се анализирани во новооснованата лабораторија за дендрохронологија. Овој метод, кој ја утврдува староста на дрвјата преку прстените, покажува дека на ова место луѓето живееле континуирано од 6000 до 4000 година пред нашата ера.

„Наодите се многу ветувачки. Органскиот слој содржи и семиња што ни даваат цврсти докази за раното земјоделство. Ова е едно од клучните места за да се разбере ширењето на земјоделството од Исток кон Европа“, изјави проф. д-р Алберт Хафнер, директор на Институтот за археологија при Универзитетот во Берн.

Археологот Адриан Анастаси додаде дека проектот има големо значење и за развојот на подводната археологија во Албанија и поширокиот регион, а резултатите ќе овозможат ревидирање на хронологијата и во други балкански подрачја.

Според експертите, населбата во Лин е уникатен археолошки локалитет кој нуди нови сознанија за животот и цивилизацијата во праисториска Европа. Проектот, кој се реализира во соработка меѓу албански и швајцарски истражувачи, ќе продолжи со нови фази и проширување на ископувањата. Швајцарската амбасадорка во Албанија, Рут Хубер, изрази надеж дека партнерството ќе продолжи и во иднина.

vesnik-ilinden.com

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран