Грчката полиција заплени 271,15 килограми кокаин, со проценета вредност од над 5,5 милиони евра, и уапси тројца мажи во голема акција спроведена оваа недела, јавуваат грчките медиуми.
Дрогата била скриена во контејнер со банани увезени од Еквадор, а заплената е извршена по дојава од Националната агенција за борба против криминалот на Обединетото Кралство, која предупредила дека пратката патува со брод кон пристаништето во Солун.
Кокаинот бил пронајден во пакувања со големина на тула, пред контејнерот да биде натоварен во камион. Полицијата на социјалните мрежи објави и кратко видео од откривањето.
Во средата бил лоциран контејнерот, а во саботата во атинското предградие Аспропиргос биле уапсени осомничените – двајца Грци, на возраст од 40 и 32 години, и 47-годишен бугарски државјанин. Според истрагата, постариот Грк е сопственик на транспортна компанија, 32-годишникот бил задолжен за дистрибуција на дрогата, а бугарскиот државјанин ја организирал нејзината достава и транспорт.
Полицијата трага по уште лица за кои се верува дека се дел од криминалната мрежа за трговија со дрога. Уапсените се изведени пред обвинителство, а истрагата за организаторите продолжува.