УТРО.мк

Мицотакис го отфрли сценариото за предвремени избори и најави целосен мандат до 2027 година

Мицотакис го отфрли сценариото за предвремени избори и најави целосен мандат до 2027 година
Vero

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска на прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун појасни дека нема намера да распише предвремени избори и дека Владата ќе го исцрпи целиот четиригодишен мандат, со избори закажани за 2027 година. Прес-конференцијата траеше два часа и 40 минути, а премиерот одговори на 44 прашања за домашната и надворешната политика, економијата, владините реформи и актуелните скандали.

Мицотакис истакна дека Владата се фокусира на поддршка на семејствата и младите преку пакет мерки од 1,6 милијарди евра и воведување нулта даночна стапка за лица под 25 години со годишен приход под 20.000 евра. Тој посочи дека грчката економија е во подобра позиција од многу европски земји и дека инфлацијата е под контрола.

Во надворешната политика, премиерот истакна дека се стреми кон мирни односи со Турција, но без отстапки во суверените права на земјата, и порача дека учеството на Анкара во европскиот инструмент САФЕ ќе биде блокирано додека не се повлече „casus belli“ – заканата за војна стара три децении.

Мицотакис зборуваше и за електричното поврзување со Кипар, истакнувајќи дека Грција е подготвена проектот да започне и да се реализира, но дека потребна е и соработка од страна на Кипар. За односите со САД и Израел, премиерот потенцираше добри билатерални врски и нагласи дека Грција ќе продолжи да инсистира на решение со две држави за конфликтот во Газа.

Во однос на миграцијата, Мицотакис најави нов закон за регулирање на легалната миграција и ограничување на нелегалниот прилив. На прашања за внатрешно-политичката сцена, тој истакна дека победата на изборите ја должи на поддршката од граѓаните, а не на поранешни противници, и се осврна емотивно на неодамнешната смрт на ќерката на поранешниот премиер Андонис Самарас.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран